
Синџирот кафетерии „Старбакс“ планира да затвори 250 од своите локации во Северна Америка до крајот на оваа недела. Во писмо до вработените, директорот за операции на компанијата, Мајк Грамс, изјави дека објектите што се планирани за затворање или не постигнуваат задоволителни финансиски резултати, или не можат да обезбедат искуство какво што „Старбакс“ го сака за своите клиенти и вработени.
Компанијата не објави кои објекти ќе бидат затворени, ниту колку од нив се во САД.
Исто така, не се наведува колку од тие објекти имаат синдикално организирани работници, бидејќи повеќе од 700 кафулиња на „Старбакс“ во САД гласаа за синдикално организирање од 2021 година.
„Старбакс“ не го поддржува тој процес, а синдикатот и компанијата сè уште не постигнале договор за условите за работа.
Грамс рече дека „Старбакс“ продолжува да ги реновира своите локации во Северна Америка за да ги направи попријатни и попривлечни.
Компанијата очекува да реновира 1.500 локации до 30 септември, кога завршува фискалната година на „Старбакс“.
„Овој напредок ни даде појасен увид во работењето на секој поединечен објект. Иако повеќето објекти имаат корист од овој целокупен позитивен тренд, некои сè уште не успеваат, и покрај вашата напорна работа и посветеност“, вели Грамс во писмото.
Грамс истакна дека Старбакс останува посветен на зголемување на бројот на своите објекти во Северна Америка.
Компанијата изјави дека, секогаш кога е можно, ќе ги преместат вработените во други објекти, односно ќе обезбедат отпремнина доколку не можат да најдат место за нив на друга локација.











