Стартапот „поддржан“ од Гејтс и Безос откри џиновско наоѓалиште на бакар

КоБолд Металс, компанија за истражување на метал со седиште во Калифорнија, поддржана од милијардери меѓу кои Бил Гејтс и Џеф Безос, објави дека открила огромно наоѓалиште на бакар во Замбија.
Реткото откритие на големо наоѓалиште на бакар би можело да помогне во глобалната трка да се обезбедат резерви на материјал кои се клучни за енергетската транзиција.

Бакарот е многу баран за негова употреба во обновливите извори на енергија и електричните возила.

Портпаролот на КоБолд Металсизјави за CNBC дека компанијата верува дека нејзиниот проект Мингомба во Замбија „ќе биде еден од најголемите светски рудници за бакар со висок квалитет“.

Ајванхо Минс, канадска рударска компанија основана од милијардерот Роберт Фридланд, поседува речиси 40 отсто од рудникот за бакар Камоа-Какула. Комплексот е опишан како „најбрзо растечки рудник за бакар во светот со најниска содржина на јаглерод“. Минатата година произведе речиси 400.000 метрички тони бакар.

Замбија е вториот најголем производител на бакар во Африка по Демократска Република Конго.

КоБолд Металс вели дека користи вештачка интелигенција за да создаде „Гугл мапа“ на Земјината кора, помагајќи да се најдат нови наоѓалишта на бакар, литиум, кобалт и никел.

Главните инвеститори во стартапите од Силиконската долина се американската компанија за вложување капитал Andreessen Horovitz, норвешкиот енергетски гигант Equinor, најголемата светска рударска групација BHP и Breakthrough Energy, климатски и технолошки фонд основан од Бил Гејтс во 2015 година.

Некои од поддржувачите на Breakthrough Energy се Реј Далио од Bridgewater Associates, Ричард Бренсон од Virgin Group, Џек Ма од Alibaba и Џеф Безос од Amazon.

КоБолд Металс најави почеток на производство на бакар во својот рудник во Замбија во рок од 10 години, во проект кој може да има значителни економски последици за африканската нација.

– Она што го открија е прилично феноменално – изјави Џито Кајумба, специјален помошник на замбискиот претседател за економски, инвестициски и развојни прашања.

Како дел од брзото зголемување на побарувачката за критични минерали, ИЕА предупреди дека моменталната глобална понуда е недоволна за да се трансформира енергетскиот сектор со оглед на релативно високата географска концентрација на производство на многу од елементите потребни за тоа.

Најголем дел од резервите на ретки минерали се наоѓаат во Кина, а значајни извори се и во Виетнам, Бразил и Русија.