Фото: Pixabay
Сигурно сте чуле за сметководство и форензика…, но како одвоени поими. Овој пат ќе зборуваме за форензичко сметководство што е своевиден сублимат на двата поима.
Сметководствената евиденција и подготовката на финансиските извештаи претставуваат главни докази за состојбата во којашто се наоѓа компанијата. Но, праксата покажува дека се случува манипулација со документи и податоци со некаква прикриена цел. Се користат фиктивни податоци и лажни настани за да се прикрие реалната слика за состојбата на компанијата.
За таа цел, форензичкото сметководство се занимава со откривање на измами во рамки на некоја компанија. Овој вид на сметководство вклучува истрага за начинот на којшто е водено сметководството и како се направени финансиските извештаи за да може да се докажат или да се отфрлат сомнежите за евентуална измама.
Предмет на форензичкото сметководство може да бидат измами предизвикани од: непочитување на законски прописи, прикажување лажни податоци и настани, искривување на реалната слика за финансиската состојба на компанијата, можни малверзации со продажба…
Во целата истрага, клучна улога има форензичкиот сметководител. Тој детално ги истражува и докажува можните финансиски измами. Мора да има доволно знаење и искуство, но и постојано да се едуцира за да го следи развојот на овој сегмент што треба да открива финансиски криминал.
Услугите на форензичкото сметководство се наменети за контролни и тела што се занимаваат со надзор и ревизија.