Стелантис идната година започнува со производство на електрични автомобили во Крагуевац

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека надворешнотрговската размена меѓу Србија и Италија ќе биде неспоредливо поголема кога Стелантис следната година ќе започне со производство на електрични автомобили во Крагуевац.
„Во последните 10 години ја удвоивме надворешно-трговската размена со Италија, денес е на ниво од околу 4,6 милијарди евра и очекувајте следната година, кога во Крагуевац ќе започне производството на модерни, градски, електрични автомобили на Стелантис, таа размена ќе биде неспоредливо поголема“, рече Вучиќ на отворањето на Форумот за деловна и научна соработка меѓу Србија и Италија, во присуство на потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.

Вучиќ потсети дека легендарниот Феруко Ламборџини рекол дека – да се биде претприемач значи да се има визија, да се верува во неа и да се има решеност да се реализира.

„Горд сум што создадовме атрактивен економски екосистем за странските бизнисмени кои инвестираат во Србија во рекорден број“, рече Вучиќ.