Стелантис се закани: „Променете го договорот со ЕУ или ќе ги затвориме фабриките“

80

Стелантис го предупреди британскиот парламент дека ќе ги затвори своите фабрики за автомобили во таа земја доколку не се промени договорот со ЕУ.

Стелантис бара од британската влада да го измени договорот меѓу Лондон и Брисел поврзан со електричните возила и да ги продолжи сегашните правила до 2027 година, пренесува Ројтерс.

Во спротивно, компанијата ќе мора да плаќа дополнителни даноци од следната година при извоз на ЕВ во Европа.

Портпаролот на британската влада одговори со најава дека министерот за бизнис и трговија на ОК веќе го покренал ова прашање на ниво на ЕУ.

Стелантис е сопственик на 14 марки на автомобили, меѓу кои се „Пежо“, „Цитроен“ и „Фиат“.

Проблем кој може да биде фатален за британската автомобилска индустрија е поврзан со преминот кон ЕВ, бидејќи батериите за овие возила се многу скапи, а Британија нема доволен капацитет да ги произведе, оценува Ројтерс.

Според поранешниот висок функционер на Nissan, Енди Палмер, Британија мора итно да ги прошири сегашните правила за извоз на електрични возила во Европската унија и да привлече производители на батерии за електрични возила итно.

„Цената на евентуалниот неуспех е очигледна, Британија би изгубила 800.000 работни места поврзани со автомобилската индустрија“, додаде тој.

Форд повика на одложување на трговските барања на ЕУ
Американската компанија Форд повика на одложување на трговските барања „пост-Brexit“ за правилата за потекло на електрични возила (EV) до 2027 година, тврдејќи дека тарифите ќе додадат непотребни трошоци за потрошувачите и ќе ја забават транзицијата кон електрични возила.

Европската унија планираше тие барања, најавени по Брегзит, да стапат на сила следната година, пренесува Ројтерс.

„Форд бара тековните трговски барања да се одложат до 2027 година за да се овозможи доволно време за развој на синџирот на снабдување со батерии во Европа и задоволување на побарувачката за електрични возила“, се вели во соопштението на американскиот производител на автомобили.

Се додава дека царините ќе влијаат на производителите и од Британија и од ЕУ и дека е од „витална важност“ тие да започнат преговори на таа тема.

Агенцијата пренесува дека Форд инвестирал 480 милиони долари во изградба на капацитетот на фабриката за мотори во Ливерпул, со цел таму да произведува батерии за електрични возила.