Стипендии и вработување во Макстил за сите идни студенти на Технолошко-металуршки факултет

11

Компанијата Макстил доделува стипендии за студирање на Технолошко-металуршки факултет во академската 2022/23 година. Стипендиите се однесуваат на додипломските студии, го покриваат целото школување во траење од 4 години и се наменети за студентите кои ќе се запишат на насоката за Металургија, дизајн и менаџмент. Подетални информации околу студиите може да се добијат на линкот.

Стипендиите, во вкупна вредност од 115.000 денари по студент годишно, ќе се примаат во текот на академската година во траење од 10 месеци по 10.000 денари месечно и еднократно по 15.000 денари за почеток на секоја учебна година.

Освен стипендирањето, студентите – корисници на стипендија добиваат пракса во Макстил, а потоа и вработување во компанијата.

Изборот на студенти за добивање стипендија се прави врз основа на запишаните студенти и критериумите за упис на Факултетот. Подетални информации за условите за добивање стипендија и аплицирање може да се добијат со испраќање порака на мејлот kariera@makstil.com.mk.

Макстил доделува стипендии за студентите на ТМФ секоја година, како дел од соработката со факултетот.

Резултат на истата соработка е и финансиската поддршка од страна на Макстил за отворање на првата Ино фаб лабораторија за производство и прототипирање во Македонија каде студентите ќе разработуваат иновативни идеи и ќе ги реализираат до фаза на прототип. Ино фаб лабораторијата е опремена со најнова генерација на 3Д печатари, ЦНЦ машина за дрво, метал и пластика, линија за рециклирање на пластика и преса за композитни материјали.