Сто од најсилните германски компании одлично ја завршија годината

52

За 100-те германски компании со најголем промет, кои котираат на берзата, годинава ќе биде успешна и покрај војната во Украина и сите нејзини последици, покажува истражувањето на ревизорско-консултантската компанија EY Германија.

Еден од лидерите, Хенрик Алерс, оцени дека водечките германски компании оваа година успешно се справиле со сите предизвици, но дека следната година не треба да очекуваме поголем пораст на прометот.

„И граѓаните и претприемачите ќе мора да ги стегнат ремените“, рече Алерс, објаснувајќи дека високата инфлација и грижите за претстојната рецесија ги одвратиле луѓето од трошење, а во исто време ја намалуваат подготвеноста на компаниите да инвестираат.

Од 100-те најсилни компании чии акции се тргуваат на берза, кај 93 отсто од нив е забележан пораст на прометот во првите три квартали од годинава во однос на истиот период лани.

Според податоците, компаниите делумно профитирале од растот на трошоците; конкретно – логистичките компании на поскапување на транспортот. Потоа, проблемот со недостигот на полупроводници, што резултираше со стратегијата за нудење луксузни брендови и откажување од попусти, донесе дополнителни 13 отсто приходи на автомобилската индустрија. И конечно, енормното поскапување на енергенсите им донесе на енергетските компании зголемување на прометот за 125 проценти.

Хенрик Алерс истакна дека овој успешен пат се гледа и по бројот на вработени. До 30 септември, водечките 100 германски компании вработиле 4,3 милиони луѓе ширум светот, што е за 1,7 отсто повеќе од минатата година, прецизира Алерс.

Смета дека компаниите догодина ќе ги намалат трошоците, но дека поради недостигот на стручна работна сила не треба да сметаме на посеопфатни и масовни отпуштања.