СТО: Ризик од пад на глобалниот БДП за седум проценти

Генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо-Ивеала, ги повика САД и Кина да ги смират растечките трговски тензии, предупредувајќи дека долгорочното „раздвојување“ на двете најголеми економии во светот би можело да го намали глобалното економско производство за дури седум проценти.

Ивеaла изјави дека СТО е „крајно загрижена“ за новиот бран тензии меѓу Вашингтон и Пекинг и дека веќе разговарала со претставници од двете страни во обид да поттикне дијалог и да спречи понатамошно влошување на односите, објави Ројтерс.

„Очигледно, ние сме загрижени за каква било ескалација во односите меѓу САД и Кина“, рече таа. „На почетокот на годината, двете страни се повлекоа пред првата голема ескалација на царините, со што избегнаа посериозни последици и се надевам дека тоа ќе се случи повторно“, изјави таа.

Taa додаде дека е клучно САД и Кина повторно да воспостават комуникација: „Секое затегнување или раздвојување на тие економии би имало последици не само за нив, туку и за остатокот од светот“.

Според неа, и Вашингтон и Пекинг добро разбираат дека нивните односи имаат огромно влијание врз глобалната економија. Доколку дојде до вистинско разделување што би го поделило светот на два трговски блока, „глобалниот БДП би можел да претрпи загуби до седум проценти, додека земјите во развој би забележале двоцифрени загуби“, предупреди генералниот директор на СТО.