СТО: Светската трговија со услуги забави пред крајот на годината

50

Светската трговија со услуги ослабе на почетокот на четвртиот квартал, како одраз на забавување на растот на големите економии во средина на висока инфлација, покажа извештајот на Светската трговска организација (СТО).
Индексот што ја мери глобалната размена на услуги изнесуваше 98,3 поени во октомври и е понизок за 7,2 поени во однос на април, објави СТО.

Вредностите пониски од 100 поени сигнализираат нешто побавен раст од долгорочниот тренд.

„Падот води кон претпоставката дека податоците за четвртиот квартал од 2022 година и првиот квартал од 2023 година веројатно ќе покажат забавување на трговијата со услуги“, забележа СТО.

Конфликтот во Украина досега не влијаеше значително на трговијата со услуги, но закрепнувањето по пандемијата може да биде оптоварено од забавувањето на големите економии кои во голема мера се потпираат на услугите, додаваат тие.

Финансискиот сектор покажа најголем отпор на неповолните движења, изразени во вредноста на индексот од 107 поени.

Добро се претставија и авиопревозниците со вредност на индексот на воздушниот превоз на патници од 105,2 поени и компаниите од секторот информатичко-комуникациска технологија, чиј индекс во октомври изнесуваше 103,2 поени.

Од друга страна, секторите градежни услуги и контејнерски транспорт на товар забележаа пад, со вредност на индексот од 92,9, односно 92,8 поени.