Стојанов: Новомаалци конечно ќе живеат во нормални услови, очекуваме поддршка од институциите

61

Претставникот на жителите од Ново Маало Игор Стојанов гостуваше во емисијата „Утрински брифинг“ каде имаше можност јавно да се обрати на целата јавност и да ја соопшти нашата страна од приказната врзана со условите во кои ние живееме на парцелата спроти „Холидеј Ин“.

Тој потенцираше дека во моментов сме на почетокот на она што треба да се реализира бидејќи повторно се јавуваат одредени групи на луѓе коишто покажуваат дека немаат интерес да се гради таму. „Не ни е јасно зошто оваа група на луѓе се противи на тоа бидејќи на таа локација во моментов нема ништо, освен распукан бетон и нашите живеалишта“, вели Стојанов.

„Мислам дека не постои некој да не ја знае ситуацијата во Центар, во какви услови живееме ние, без одвод, без канализација, во керпичи, без изолација. Буквално сме како ѓубриште на Градскиот трговски центар и тоа ѓубриште не трае еден ден, туку се провлекува сто години“, истакна тој, додавајќи и дека токму сега постои бетонизација на овој простор, а пак со новиот комплекс ќе биде зелен простор каде ќе се прави најголемиот парк во Македонија. „Овој парк ќе биде од јавен интерес, а кој има јавен интерес сега? Сега луѓето кога поминуваат овде кружат, се плашат да поминат бидејќи постојано има кражби и изгледа небезбедно. Буквално сме како една депонија среде Центар“, вели тој.

На прашање во врска со обесштетувањето, Игор Стојанов потенцираше дека првпат се случува во нашата историја некој да нуди фер обештетување со компензација, и од името на сите жители на Ново Маало потенцираме дека сме презадоволни од тоа обесштетување.

Во врска со најавените протести на „Зелен Хуман Град“, Игор потенцираше и дека не очекуваме дека ќе бидат масовни бидејќи станува збор за една група на активисти коишто наместо да ја исправат грешката на институциите, тие ја продолжуваат нашата агонија. „Тие треба да прават протести за да ја исправат грешката за нас. Ама таа грешка тешко може да се исправи, бидејќи ние немаме веќе трпение за сите тие работи“, истакна Стојанов.

На крајот Стојанов ги повика институциите да застанат на страна на граѓаните, бидејќи, како што вели, ние новомаалци сме дале поддршка со давањето на нашиот глас. „Се надеваме дека советниците и градоначалникот на Општина Центар ќе го покажат вистинското лице на Скопје. Сакаме зелен простор и урбано уредени домови за нас“, заклучи тој, апелирајќи до сите да престанат со притисоците врз нас како жители и врз институциите бидејќи веќе се подготвуваме и да поднесеме претставки до Советот на Општина Центар, до градоначалникот на Општина Центар и до ДКСК за случајот со ДУП Ј07 на Водно кои вчера го обелоденивме на прес-конференција.