Стоп за “таксистите“ на Uber во Германија

62

uber

Судот во Франкфурт и забрани на американската компанија за такси услуги Uber да работи во Германија, под образложение дека ја нема потребната правна дозвола согласно тамошната правна регулатива, јавува Дојче веле.

Доколку Uber, како оператор на такси услуги, не ја почитува судската одлука, може да се соочи со казна до 250.000 евра по едно возење. Но, од менаџментот на Uber тврдат дека работат согласно законите и дека на судската пресуда ќе одговорат со жалба.

“Ние ќе продолжиме да работиме во Германија и ќе поднесеме жалба на пресудата поднесена од Taxi Deutschland во Франкфурт“, велат од Uber.

Uber им овозможува на луѓето кои поседуваат автомобил да поминат низ елементарна проверка на безбедноста за да бидат ad hoc таксисти кои ќе комуницираат преку апликацијата за паметни телефони на Uber. Многумина сметаат дека таквиот концепт ги заобиколува регулаторните тела и барања што мора да ги исполнат останатите такси возачи, на што Uber одговара дека преку нив се зголемува можноста за избор на повеќе такси возила, а се создаваат и нови работни места.

Цените на такси услугите што ги нуди Uber се далеку поевтини од оние што ги нудат другите такси компании. Оваа американска компанија, со седиште во Сан Франциско, е активна во 42 земји и во повеќе од 200 градови ширум светот.