Стопанската комора бара од Македонска берза да се одложи до 2023 година спроведувањето на новите правила за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва. Потпишани на барањето на Стопанската комора се 20 од најголемите компании во Македонија.
Стопанската комора бара новите правила и кодексот да почнат да се применуваат од пролетта 2023 година, а тоа да се вгради соодветна изјава во годишните изјави за работа за 2022 година. Измените и дополнувањата на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза АД Скопје стапија на сила на 26 октомври 2021 година.

„Членките на Стопанската комора, што се дел од оваа иницијатива, укажуваат дека условите за работа се исклучително тешки. Покрај здравствената криза што трае речиси две години, тие се соочени и со економска и со енергетска криза. Сите овие процеси наметнуваат превземање чекори со цел да се одржи деловната активност, зголемување на конкурентноста и продуктивноста, како и настапот на странски пазари. Имајќи го тоа предвид, Стопанската комора бара од Македонска берза да излезе во пресрет, да покаже разбирање и да ја прифати оваа иницијатива“, велат од Стопанска комора.











