Стопанската комора на Северна Македонија прогласена за дигитален шампион за 2021 година

67

Светската трговска организација, Меѓународната стопанска комора и Меѓународниот центар за трговија ја прогласија Стопанската комора на Северна Македонија за дигитален шампион за 2021 година.

Наградата „Дигитален шампион“ Комората ја доби за Проектот за дигитализација на процесите и издавање е-документи од страна на Комората, што им се потребни на македонските компании во надворешно-трговското работење.

Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија Елена Милевска Штрбевска денеска во 14:30 часот ќе ја прими наградата „Дигитален шапион“ на годишната редовна министерска конференција на Светската трговска организација, во конкуренција на над 100 поднесени апликации од сиот свет. Таа ќе има и свое обраќање, а потоа ќе следи и официјалната објава од страна на трите реномирани институции – Светска трговска организација (WTO), Меѓународна стопанска комора (ICC) и Меѓународниот центар за трговија (ITC).

– Процесот на дигитализација го започнавме кон крајот на 2020 година и во соработка со нашиот партнер „Некстсенс“ ДОО Скопје, во мај 2021 година успешно го завршивме, со интегрирано решение за дигитална трансформација на деловните процеси, што ќе ги замени сите хартиени процеси на подготовка и на издавање дигитални, безбедни, правно-обврзувачки и верифицирани документи. Нашата дигитална платформа е токму тоа, соопшти Стопанската комора на Северна Македонија.

Наградата, како што се наведува, е потврда за постигнатиот напредок во работата и претставува поттик за сите нас и натаму да продолжиме да ги развиваме своите напредни идеи и да им служиме на своите членки. Стратешка цел на Комората е да работи во интерес на своите членки, да поттикнува постојан напредок, преку воведување иновативни форми и методи на работа, и да ги зајакне сопствените капацитети.

-„Комора на иднината“ претставува одговор на потребите на бизнис-заедницата да има силен партнер, кој со своето знаење и со експертизата ги рефлектира современите трендови и практики на дејствување во брзо и во динамично општество. Компанините со овој проект добија скратување на времето потребно за добивање на документи за 82 отсто, скратување на трошоците за поднесување и подигнување на документите на 0, без трошоци за печатење, добија дигитално потпишан документ во согласност со регулативата на ЕУ и бр. 910/2014 (регулатива eIDAS) и е компатибилен со стандардот PAdES (PDF Advanced Electronic Signature) за дигитално потпишување, се вели во соопштението од Стопанската комора.

Сите кои сакаат да го проследат свеченото доделување на наградата „Дигитален шампион“, можат да се регистрираат на следниот линк: Digital Champions For Small Business Award Ceremony (zoom.us) .