Страница од Спајдермен-стрип продадена за 3,3 милиони долари

138

Страницата број 25 од стрипотMarvel Comics’ Secret Wars No.од 1984 година на аукција ја понуди аукциската куќа Херитиџ Аукшнс од Далас, Тексас. Почетната цена изнесуваше 330.000 долари (околу 290.000 евра).

Сцената прикажува како Спајдермен доаѓа во својот карактеристичен црн костум. Тоа за фановите е клучен момент. Имено, оттогаш се менува курсот на Спајдермен, зашто потоа црниот костум полека се претвора во антихеројот Веном.

Аукциската куќа соопшти дека наддавањето одело многу бргу, а кога била достигната крајната цена од 3,36 милони долари, во салата се слушнал аплауз и извици.

„Не можеме да бидеме посреќни. Особено сме среќни за продавачот, кој ги купувал уметничките творби во доцните 1980-ти и оттогаш ги чувал овие страници како богатство“, изјави Џо Манарино, директор во Херитиџ Аукшнс надлежен за стрипови.

Претходно, страницата број 24 од истиот стрип за Спајдермен беше продадена за 288.000 долари (околу 250.000 евра).

Херитиџ Аукшнс, со седиште во Далас и филијали во Њујорк, Калифорнија, Хонгконг, Лондон, Амстердам и Париз, се опишува себеси како најголема аукциска куќа во светот за колекционерски предмети.