
Минатата година, обемот на директни странски инвестиции во земјите од Источна и Југоисточна Европа беше помал отколку во изминатите неколку години, иако имаше исклучоци, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, според анализата на Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WiiW).
Во споредба со 2023 година, директните странски инвестиции во поширокиот регион се намалија за приближно една четвртина минатата година, од околу 100 милијарди на малку повеќе од 75 милијарди.
Економистката на WiiW и авторка на извештајот, Олга Пинѓук, оцени дека трендовите во поширокиот регион во голема мера се резултат на кризата во германската индустрија и неизвесноста околу политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува агенцијата Бета.
Во исто време, се проценува дека имало структурни промени во земјите од регионот и дека кај нив претходниот модел на инвестирање во производството како поврзана работилница на западните компании полека ја губи својата важност како мотор на економскиот раст.
Кога станува збор за инвестициите, со минус од 24 проценти, ситуацијата минатата година беше лоша и за членките на Европската унија во регионот. Полска беше особено погодена (минус 48 проценти), а Романија исто така забележа минус од 15 проценти. Во Украина, падот на инвестициите изнесуваше 26 проценти, но ова може да се објасни и со вонредната состојба поради руската агресија.
Земјите од Западен Балкан забележаа плус од 17,4 проценти, предводени од Србија и Северна Македонија, а Турција исто така имаше 5,5 проценти повеќе директни странски инвестиции отколку во 2023 година.
Позитивни исклучоци се Чешка (плус 7,9 проценти), Хрватска (плус 38,7 проценти), Унгарија (плус 5,1 процент), Литванија (плус 28,8 проценти) и Словачка, каде што обемот на странски директни инвестиции беше околу десет пати поголем отколку во претходната година. Растот во тие земји, сепак, може да се објасни и со поединечни големи проекти кои ги искривуваат статистичките податоци. Пример за ова, според WiiW, се инвестициите на кинеските компании во производство на електрични автомобили и електрични батерии во Словачка и Унгарија.
WiiW пишува дека, без оглед на тие исклучоци, целокупниот тренд на намалување на странските инвестиции останува непроменет.
Имено, новите податоци за странските гринфилд инвестиции покажуваат дека ситуацијата се влошила дури и оваа година. Ова се однесува и на бројот на најавени нови проекти, кој се намалил за 26 проценти во споредба со првиот квартал од минатата година, и на ветениот капитал, кој е дури за 55 проценти помал во споредба со истиот квартал минатата година.
Трендот во областа на договорени проекти и најавени инвестиции од првите месеци од оваа година, според анализата на WiiW, се однесува на сите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, со неколку светли точки, вклучувајќи ги Албанија, Косово, Украина, Латвија и други.
Германските и австриските компании, кои традиционално најмногу инвестираат во регионот, „притиснаа сопирачки“ кога станува збор за нови инвестиции. Пред сè, ова се однесува на Германија, која во периодот од вториот квартал на 2024 година до првиот квартал од оваа година вети инвестиции од 5,4 милијарди евра, а во истиот период од 2023 до 2024 година, речиси двојно повеќе – 10,6 милијарди. Бројот на најавени германски гринфилд проекти се намали за 21 процент од 257 на 203.
Инвеститорите од Австрија се исто така исклучително претпазливи, чии инвестиции едвај се променија од 2023 година и остануваат на околу 1,4 милијарди евра, пишува WiiW.
Кина, иако, како и Германија, речиси ги преполови своите инвестиции, со ветените 11,2 милијарди евра, остана најголем инвеститор во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Сепак, учеството на Кина во вкупните постоечки директни странски инвестиции е само еден процент, додека 70 проценти припаѓаат на ЕУ.
WiiW, исто така, оценува дека во економска смисла, важноста на странските директни инвестиции за економскиот раст се намалува во целиот регион, „што укажува на структурни промени во земјите кои беа познати по големите директни странски инвестиции во производствениот сектор, првенствено во автомобилската индустрија“.
Сегашниот модел на „проширена производствена линија“ на западните концерни, според WiiW, нема да биде доволен на долг рок за одржување и зголемување на просперитетот во земјите од регионот. Затоа, WiiW им предлага на инвеститорите да инвестираат повеќе во образование, истражување, развој и промислена, индивидуализирана индустриска политика.
Фото Pixabay











