Странските инвестиции во Германија се зголемија за 50 проценти минатата година

Странските директни инвестиции во Германија се зголемија за 50 проценти минатата година, главно поради силниот раст на инвестициите од Велика Британија, што го компензираше големиот пад на американските инвестиции, според пресметките на германскиот Институт за економски истражувања (IW) објавени од Ројтерс.

Странските компании инвестирале околу 86 милијарди евра во Германија, според податоците од германската централна банка Бундесбанк за трансакциите со странски директни инвестиции.

Инвестициите од САД се намалија за речиси 44 проценти, на 11,8 милијарди евра, објавува Хина. Минатата година, американските компании учествуваа со околу 14 проценти од вкупните странски инвестиции во Германија, додека нивниот удел надмина 36 проценти во претходната година.

Во исто време, Велика Британија стана најголемиот поединечен извор на странски инвестиции во Германија. Британските компании инвестираа 26 милијарди евра, околу 284 проценти повеќе од претходната година, сочинувајќи речиси 31 процент од вкупните инвестиции и надминувајќи ги САД.

Компаниите од другите земји-членки на ЕУ инвестирале околу 43 милијарди евра, 2,7 отсто помалку од претходната година, но сепак повеќе од половина од вкупните странски инвестиции во Германија.