Странските инвеститори повлекле речиси 15 милијарди долари инвестиции од Кина во тримесечниот период меѓу април и јуни, соопшти кинеската државна управа за девизни средства.
Како што се додава, вредноста на странските инвестиции во Кина паднала за околу пет милијарди долари во првите шест месеци од 2024 година.
Странските инвестиции во Кина достигнаа рекордни 344 милијарди долари во 2021 година, но постепено се намалуваат поради забавувањето на економијата и растечките геополитички тензии, пишува Блумберг.
Владата во Пекинг се обидува да привлече и задржи странски инвестиции, како и да покаже дека Кина е сè уште отворена и привлечна за странските компании, особено за оние кои носат напредни технологии.
Кинеската економија во првата половина на 2024 година се зголеми за пет отсто на годишно ниво, покажуваат податоците на кинеското Национално биро за статистика (НБС) објавени на крајот на јули.
Вредноста на кинескиот БДП од јануари до јуни оваа година достигна околу 61,68 билиони јуани, што е приближно 7,94 трилиони евра. Во вториот квартал од 2024 година кинеската економија порасна за 4,7 отсто во споредба со истиот квартал минатата година.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својата јулска прогноза објави дека кинеската економија ќе порасне за пет проценти во 2024 година и ќе забави до 4,5 проценти следната година.