Странските компании создаваат 22,5 отсто од додадената вредност во ЕУ

20

Иако само 1,1 отсто од компаниите во ЕУ биле под контрола или во сопственост на странци, тие придонеле за создавање на 22,5 проценти од додадената вредност на пазарот на Унијата, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат.

Според Евростат, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во 2021 година од вкупниот број претпријатија под странска контрола во ЕУ, 59,4 отсто биле во сопственост на фирми од друга држава членка во Унијата, а 40,6 проценти на компании со седишта во земји надвор од блокот.

Најголем процент на странски претпријатија има во Луксембург или 29,2 отсто, по што следуваат  Естонија со 10,3 проценти учеството на претпријатијата под странска контрола и Полска со 6,8 отсто.

Од друга страна, најмало учество на странски компании има во Белгија и тоа од само 0,1 отсто, пред Италија со 0,3 и Франција со 0,4 проценти.

Странските фирми имале најголемо учество во создавањето на домашната додаден вредност во Ирска и тоа од дури 71,9 отсто, пред Луксембург со 55,5 и Словачка со 49,4 проценти.

Најнизок удел на компании во странска сопственост во креирањето на додадената вредност од 14,7 отсто има во Франција, пред Кипар со 15,6 и Германија со 16,7 проценти.

Во однос на бројот на вработени, компаниите контролирани од странство креираат 15 отсто од вкупните работни места.

Најголемо учество од 43,8 отсто во вкупниот број вработени имаат странските фирми во Луксембург, по што следува Полска со 32,1 и Ирска со 28,2 проценти удел.

Најмал процент од вкупниот број вработни лица во странски компании има во Грција и тоа од 7,5 отсто, пред Кипар со 7,8 и Италија со 9,5 проценти.