Страст кон работите, што беше тоа!?

158

covecinja

Фото: Pixabay

Не знам колку сте забележале, ама во последно време, а на тоа мислам повеќе години наназад, некако ја изгубивме страста кон работите. Без оглед дали се работи за страст спрема професионалната работа, кариера или, пак, некое хоби, културно случување, спорт, дружење со пријателите. Едноставно, повеќе не се радуваме на активностите што ги правиме, не гледаме кон тие активности со желба, туку ги правиме механички и без елан.

Се прашувам, дали полека стануваме робови на сопствените животи, дали полека ја губиме смислата на живеење и само „преживуваме”, бидејќи сме ја изгубиле страста кон работите? Брзиот начин на живот на нашите денешни генерации, или како што Петар милува да каже „инстант генерации”, носат толку многу нови работи, што за жал брзо ни стануваат здодевни, и не дозволуваат да се претворат во наша страст која ќе не мотивира и ќе ни даде комфор. Многу е важно да се има страст кон некоја работа, хоби или активност, и да се извршуваат посветено и да се биде навистина добар во нив.

Ова се неколку работи за кои сметам дека навистина ќе ни помогнат да ја пронајдеме својата страст или, пак, да развиеме страст кон тоа што веќе го работиме:

  • Забавете го начинот на живот – Кога ќе забавиме од сите наши дневни активности, можеме да ја откриеме најдобрата верзија од нас самите, и најчесто можеме да ги откриеме одговорите што сме се труделе толку многу да ги најдеме. Забавувањето на нештата ќе ни дозволат вистински да ја спознаеме нашата средина и да се слушнеме себеси што точно сакаме, и на тој начин правилно ќе се мотивираме да дадеме сè од себе.
  • Бидете уникатни – Само Ние го поседуваме тој уникатен микс на талент, мудрост, сила, вештини и креативност. Токму тие работи не одделуваат од другите луѓе и ни помагаат да ја пронајдеме нашата страст, нашата цел. Треба да ја спознаеме нашата уникатност и да направиме сè што треба другите да го забележат тоа.
  • Научете да бидете трпеливи – Да бидеме страсни кон некоја активност, ќе мора да работиме на нашата трпеливост. Ако вежбањето гитара ќе ни ги повреди прстите на рацете, ако заклучување продажба значи вртење на 100 телефони, тогаш страста ни вели „Така нека биде”. Исклучителните резултати ќе дојдат само кога ќе бидеме подготвени да ризикуваме, да се жртвуваме и трпеливо да работиме на остварување на целите.
  • Ослободете се од изговори – Секогаш е лесно да кажеме дека ќе направиме некоја активност за која сонуваме подолго време, кога ќе имаме повеќе пари, повеќе искуство, повеќе време, но да бидеме искрени, тоа нема да се случи. Единствено само кога ќе се ослободиме од овие „изговори”, ќе можеме да започнеме со пронаоѓање на нашата вистинска страст, без оглед за каква страст станува збор.
  • Сите така работат – Треба да престанеме да ги гледаме другите околу нас. Ако се тие мрзеливи и немаат страст, сакаат резултати веднаш и не се професионални, не мора да не префати тој вирус. Треба да даваме се од себе, да не се штедиме. Индијанците имаат едно мото: „Што и да работам, давам сè од себе, за да не можам потоа да се каам зошто не сум го направил тоа“.
  • Фокусирајте се на забавата – Треба да се запрашаме што навистина ве прави среќни? Што не прави да се насмееме? Решението на тоа е фокус на нашата страст кон активност која ќе не исполнува, но најважно од сè, која ќе биде забавна за нас и за нашата околина. Што и да работиме, треба едноставно да се забавуваме.

Многумина не можат да ја разбудат својата страст, бидејќи работат нешто што не го сакаат. Без оглед дали се работи за хоби, нашата професионална работа или, пак, нешто сосема друго, треба да дадеме максимум од себе, бидејќи само така ќе бидеме повеќе задоволни од самите себе. Вака, само ќе се фрустрираме, ќе ја празниме нашата негативна енергија врз околината и врз домашните, и на крај повторно продуктивноста и резултатите ќе ни бидат просечни.

Страста води кон мотивација, мотивацијата води кон продуктивност. Продуктивноста води кон успехот, а пак, успехот води кон задоволството!

Бидете успешни и задоволни, пронајдете ја вашата страст!!!

Со успех во промените.