Фото: Pixabay
Можеби се прашувате кои стратегии ги користат компаниите кога водат парнична постапка поради повреда на нивните права од индустриска сопственост? Издвојуваме девет пристапи на основа на советите што во најновиот број на Global Patent Congress 2015 IP Series ги даваат водачите на правните тимови за заштита на интелектуална сопственост на Google, Nokia и Actelion Pharmaceuticals.
- Создајте воедначена стратегија за случаите
Првиот совет што го дава директорката за интелектуална сопственост и парничење на Google, Кетрин Лакавера е усвојување на стратегии што им овозможуваат на компаниите да постигнат конзистенција помеѓу случаевите и да ги намалат трошоците. Тоа вклучува имање на воедначени форми и документи, како на пример договори за преговарање.
- Избор на правен застапник
Според Лакавера неопходно е да се направи добар избор на адвокатски тим што ќе ја преставува компанијата при водење на парница. Притоа тимот треба одлично да ја познава компанијата, нејзините очекувања и вредности.
- Создавање на функционален правен тим во компанијата
Неопходно е секоја компанија да има или соработува со добро искоординиран правен тим кој ќе биде во контакт со технички советници, како инженери, кои пак ќе ги покриваат техничките детали на парниците што се водат за патенти.
- Избор на противник
Директорот за парничење за Европа на Nokia, д-р Клеменс – Аугуст Хојш смета дека при глобална застапеност на патентот и кога со производот работат производителот, увезувачот и купувачот, за носителот на правото на патент постои избор во однос на тоа кого ќе тужи. При изборот на тужена страна компанијата треба да се води од важноста на спротивната страна за нивниот бизнис, претходното искуство на тужениот во парници, неговата финансиска состојба и др.
- Избор на надлежност
Според д-р Клеменс – Аугуст Хојш, во спорови за патент, многу често постои широк избор за месната надлежност на форумот што ќе суди. Бидејќи често повредениот производ е застапен во многу земји, сите земји може да се сметаат и за месно надлежни. Исто така носителот на патент треба да разгледа кои земји имаат рејтинг дека полагаат големо внимение на патентите и го заштитуваат патентот. При изборот на месна надлежност, од голема важност за компаниите се трошоците за водење на постапката, висината на досудени трошоци при успех во спорот, брзината со која се завршуваат постапките, изборот на правни лекови и дали првостепните пресуди стануваат брзо извршни.
- Портфолио на арбитража
При повреда на правото на патент, често носителот на патент започува судска постапка при што судот наложува на спротивната страна да превземе или непревземе дејствија со цел да се престане со повреда на правото на патент. Искуството на правниот тим во Nokia покажува дека при постоење на големо портфолио на патент, најчесто носителот на правото на патент е заинтересиран да даде лиценца, а повредувачот да добие лиценца. Ако страните не се согласат за паричниот надоместок, најразумно и корисно е овој спор да се разреши со арбитража. На тој начин носителот на патент може за брзо време да го разреши спорот при повреда на правото на патент, а спротивната страна ќе спречи да одреден орган и наложи забрани.
- Утврдување на вредноста на иновацијата
Првиот совет што би го дал високиот советник за патенти, Ерик Рулман од Actelion Pharmaceuticals на своите клиенти е да ја разберат иновацијата што ја разгледуваат. Да се запрашаат: дали е тоа нивна иновација и сакаат да развијат патент портфолио околку неа, или пак е иновација на трета страна, па би можеле да најдат начин да ги уживаат правата на интелектуална сопственост на трети лица.
- Запознајте ги различните бизнис култури
Ерик Рулман потенцира секоја земја има посебна бизнис клима и култура во однос на заштитата на интелектуалната сопственост. Поради тоа корисно е компаниите да се советуваат со некој што ќе им даде генерална претстава околу оваа правна област, околу иновациите и бизнис климата во земјата каде што ќе парничат.
- Разбирање на регулативата
И на крај, за Рулман неопходно е да се разбере владината политика и интерес за патентниот систем. Поради тоа е потребно уште на почетокот, пред да се води било каква постапка, да се разбере владината регулатива околу заштитата на интелектуалната сопственост.
Никогаш не е доцна да се направат промени за заштита на вашата интелектуална сопственост во компанијата, па се надеваме дека горниве докажани стратегии ќе ви бидат од корист.
Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje