Стратегија

66

strategija

Фото: Pexels

Дали знаете колку е важно да имате правилна стратегија?

Сигурно сите си рековте, многу е важно! Но, колку пати сте настапиле на некоја работа стратешки? Да дефинирате цел, да направите анализа на моменталната состојба и да развиете тактики како да стигнете до таму? Или, генерално, влегувате во проектите (лични и професионални) по „интуиција“?

Генерално, се мисли дека стратегија се однесува само на воена стратегија, бизнис стратегија или државна стратегија. Но, тоа не е точно. Стратегија треба да имаме за сè што сакаме да постигнеме во животот. Ова не значи дека треба по секоја цена да изгорите остварувајќи ја вашата замисла/цел, но се однесува повеќе на тоа да имате разработен оперативен план – пат. Александар Македонски ја добил својата најголема битка против персискиот крал Дариус само заради стратегија. Неговата војска броела 50.000, а војската на Дариус 300.000 војници.

Стратегија за прв пат се споменува како концепт, во воената терминологија и означува подготвен план за постигнување на една или повеќе цели, во неизвесни услови. Или, како што вели Брус Андресон (консултант и автор), стратегијата зависи од способноста да се предвидат идните последици од сегашните иницијативи. Ова може да се аплицира на држава, компанија и на лично ниво.

Секоја компанија треба да има своја (на хартија) стратегија и да ја имплементира без да потклекне на притисоците од надворешните и од внатрешните фактори. Според економската состојба може да се види колку од нашите компании имаат долгорочна и издржана стратегија.

“Компанија без стратегија е подготвена да проба сè”

                                                                           Мајкл Портер                                                                          (Харвард професор)

Секој од нас треба да има стратегија – што сака да направи во животот и да биде истраен (ако верува во себе и во својот план) во нејзина реализација. Не смеете да дозволите што/кој било да ви го попречи патот (родители, деца, партнери, професор, колега, менаџер, сосед). Некоја жена сакала да почне да свири инструмент. Сопругот ѝ се смеел и не ја поддржувал. Кој го шиша, вие почнете!

Стратегијата значи долгорочен план и мора да сте свесни дека по патот ќе бидете постојано предизвикувани да го промените курсот или да се откажете. Замислете си дека стратегија ви е исто како да сакате да одите до Ново Лисиче и да се качите на автобус од Карпош, а на секоја станица да ве мамат интересни предизвици и да ве наведуваат да се симнете. Она што ќе ја направи една компанија различна од другите или една личност поуспешна од другите е да останете доследни на својата цел и да не потклекнете на предизвиците.

Во основа, стратегијата е составена од три дела:

  1. Дефинирање на цел (крајна точка): целта мора да биде реална, мерлива и во временска рамка. И најважно, дали е во согласност со вашиот капацитет да ја остварите или е само ваша желба.
  2. Анализа на моментална состојба (почетна точка): од почетната точка ќе знаете колку сте подготвени и колкави се вашите можности за остварување на вашата цел. Тука ќе ги согледате вашите слабости и предности и ќе биде основа за развој на оперативните тактики.
  3. Пат/тактики како да се оствари посакуваната цел: од овој дел најмногу зависи поголемата или помала успешност во остварување на целите на компаниите или индивидуалците. Оперативниот план – како да се оствари една цел зависи од вашето знаење, искуство и карактер (истрајност, храброст, трпеливост).

Со успех во промените.