Стројнтрансгас излезе од проектот Јужен тек во Бугарија

64

strojtransgas

Руската компанија Стројтрансгас, чиј главен акционер е бизнисменот Генадиј Тимченко, излезе од проектот за изградба на гасоводот Јужен тек на територијата на Бугарија, јавува порталот Сеебиз.

“Победивме на тендерот, подготвени сме да дадеме целосен придонес кон заедничката работа, но како што видовте американскиот сенатор Џон Мекејн дојде во Бугарија и ги убеди локалните власти да ја одбијат нашата услуга. Излеговме од проектот за да не го загрозиме. Планирано е Стројтрансгас на територијата на Бугарија да ја положи првата копнена линија на гасоводот во должина од 500 километри. Сега ќе не замени компанијата Центаргас кој му припаѓа на Газпром“, објаснува Тимченко.

Тој додал дека неговата компанија учествуваше во крупни меѓународни проекти, меѓу кои е изградбата на делот од Северниот тек меѓу Германија и Чешка, како и поставување на цевководи во арапските земји.

На јавниот тендер, што беше распишан во декември минатата година, учествуваа 11 компании од Австрија, Белгија, Германија, Индија, Италија, Русија, Швајцарија и Јапонија.

По посетата на американскиот конгресмен во Бугарија, владата во Софија ја замрзна реализацијата на проектот Јужен тек. Тогаш премиерот на Бугарија, Пламен Орешарски изјави дека во проектот Јужен тек треба да има што е можно помало учество на Русија.