Студентите со особени достигнувања на бизнис програмите на УАКС добија меѓународно признание за академски придонес

24

delta mu delta

Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) со особена гордост објавува дека стана член на меѓународната бизнис мрежа Делта Му Делта, која препознава и поттикнува значителни академски достигнувања, врз основа на што УАКС се здоби со правото да основа огранок на Делта Му Делта во Македонија под назив Делта Му Делта – Пи Алфа.

Станува збор за меѓународна мрежа во која членуваат студенти на бизнис студии акредитирани од Советот за акредитација на бизнис факултети и програми (АЦБСП) од САД и кои покажале значителни резултати во текот на студиите. Воедно, професионалците кои имаат постигнато значителен успех во кариерата, кои имаат личен интегритет и се носители на промени во општествата во кои дејствуваат, исто така можат да бидат дел од оваа престижна мрежа.

На 11 мај, 2016 година, во просториите на УАКС ќе се одржи свечена церемонија по повод основањето на Делта Му Делта – Пи Алфа и формалното назначување на првите членови на огранокот.

“Членството во Делта Му Делта претставува признание за високите стандарди за работа на УАКС и ја симболизира нашата подготвеност да понудиме висококвалитетно образование за нашите студенти“, изјави доц. д-р Елена Бундалеска, професор на УАКС и академски советник во огранокот.

Освен во Македонија, преку Универзитетот Американ Колеџ Скопје, меѓународната мрежа Делта Му Делта е застапена на вкупно пет универзитети во уште две држави во регионот, Франција и Швајцарија, што уште повеќе потврдува дека истата врши внимателна селекција при приемот на нови членови, заснована на строги критериуми.

Трите основни принципи на работа кои го позиционираа Универзитет Американ Колеџ Скопје во друштвото на престижни универзитети како Харвард, Јејл, Њујорк и Нотр Дам, се 3-М принципите, односно интернационализацијата:

  • Меѓународна акредитација и меѓународно признати наставни програми
  • Меѓународни професори, како и меѓународна активност на нашите професори
  • Меѓународни студенти

“Горди сме да ги поддржиме нашите студенти на бизнис програмите во потрагата по успехот во нивните кариери и пошироко“, изјави д-р Елена Бундалеска, професор на УАКС и академски советник во огранокот Делта Му Делта – Пи Алфа.