Индискиот бизнисмен Субрата Рој кој е во посета на Македонија, денес ќе одржи прес конференција во хотел Инекс Горица во Охрид, на која ќе присуствува и Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Целта на посетата на Субрата Рој е почеток на подготовките за реализација на проектот Сахаријан Македонија.
Бизнисменот ќе ја посети локацијата предвидена за градба на туристичкиот комплекс кој ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода итн.
Рој исто така ќе разгледа и други инвестициски можности во земјава во областа на земјоделието, туризмот и други економски сектори. Плановите за претстојните инвестиции индискиот милијардер се очекува да ги соопшти на прес-конференција која е закажана за денес.
Проектот Сахаријан Македонија е проектиран од една од најпознатите светски британски архитектонски компании Аткинс и архитектот Том Врајд кој го има проектирано и грандиозниот и најпознат хотел Буџ Ал Араб во Дубаи, единствен хотел со 7 ѕвезди во светот. Тие се дизајнери на еден од најлуксузниот и најголем патнички брод во светот – Oasis of the Seas.
Според нивниот план на одредената локација во Охрид треба да се изградат: еден специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високи ниво, спа центар и вили кои ќе бидат дадени на продажба.
Се предвидуваат и хотелски сместувања, конференциски сали, шопинг центри, неколку оргинални и ексклузивни содржини кои би биле едниствени од таков тип во светот.