Subway склопува една од најголемите зделки во прехранбената индустрија

Популарниот синџир на брза храна – Subway, планира да отвори илјадници нови капацитети во Кина, со што ќе го зголеми својот „отпечаток“ во таа азиска земја за повеќе од седум пати.

Најголемиот светски ланец на сендвичи објави во вторник, 6 јуни, дека ќе отвори речиси 4.000 нови продавници низ континентална Кина во следните 20 години.

Договорот е „најголемиот главен договор за франшиза во историјата на компанијата и еден од најголемите во целата индустрија [ресторан за брза храна]“, се вели во соопштението на Subway.

Големото проширување ќе биде овозможено со договорот што Subway го потпиша со кинеската компанија Shanghai Fu-Rui-Shi Corporate Development (FRS). Ќе биде назначен и нов извршен директор кој ќе ги надгледува операциите во Кина.

FRS, инаку, е финансиран од конзорциум приватни инвеститори, а исто така ќе преземе ексклузивни права за контрола на сите локации на брендот во Кина, според Subway.

Извршниот директор на американската компанија, основана во 1965 година, вели дека овој договор е „значајна пресвртница во меѓународната стратегија за раст на Subway“, бидејќи, како што вели, тие продолжуваат да се фокусираат на стратешко проширување на нивниот отпечаток и одржување на нивната позиција како „еден од најголемите светски брендови на ресторани“.

– Кина е клучен пазар со значителен долгорочен потенцијал за раст и со нетрпение очекуваме да го донесеме искуството на Subway на уште повеќе гости во тој регион – вели Џон Чидси, пренесува CNN.

Сегашниот договор е дел од „поширок напор“ на мултинационалната за воспоставување нови партнерства – и дома во САД и во странство, особено во азиско-пацифичкиот регион. Subway ги претстави плановите за „удвојување на својата сегашна мрежа на ресторани во Азија, од приближно 3.500 на повеќе од 6.000 локации во следните пет години“, се додава.

Компанијата моментално има речиси 37.000 ресторани на повеќе од 100 пазари ширум светот. И додека Subway е сè уште најпознат по своите сендвичи, тој служи и други оброци – како салати – и минатата година успеа да постави рекорд на продажба по најголемите промени на менито досега.

Фото: Facebook