Суецкиот канал деблокиран, но Ever Given “заробен“ додека сопствениците не платат отштета

306

Судбината на денес глобално познат брод Ever Given сè уште е вест на светските насловни страници. Иако контејнерскиот брод долг 400 метри беше извлечен неодамна, конечно ставајќи крај на седумдневната блокада на поморскиот сообраќај, тој сепак останува во проширениот дел на Суецкиот канал.

Компанијата Ever Green, чиј брод Ever Given се заглави во Суецкиот канал и предизвика блокада во пловидбата, ќе мора да плати огромна отштета.

Се проценува дека блокадата на Суецкиот канал секој ден спречувала минување на товар вреден 9,8 милијарди долари.

По неколку обиди и речиси седум дена по заглавувањето, бродот беше поместен и пловењето се врати во нормала, но Ever Given уште не излегол од каналот. Египетските власти го задржуваат бродот во каналот се додека сопствениците не прифатат да исплатат милијарда долари отштета.

“Бродот ќе остане тука до завршувањето на истрагата и исплатата на оштетата. Се надеваме на брз договор”, изјавил генералот Осама Рабие.

Отштетата треба да ги покрие трошоците за користење на опремата за помош со која бродот бил поместен, за плаќањето на работната сила, како и за штетата направена на каналот. Египетските власти исто така отвориле истрага за причината на инцидентот.

Бродот беше поместен благодарение на плимата, но и на работата на багерите, реморкерите и друга машинерија.

Но, не бараат пари само египетските власти. Wall Street Journal пишува дека може да се очекуваат бројни побарувања за осигурување, како резултат на загуба на расиплива стока, како и прекин на синџирот на снабдување.

Фото: Printscreen