
Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна (RASFF) ја извести Хрватска дека на нејзина територија има македонски црвени пиперки, во кои се пронајдени нелегални количини на метомил.
Тие истакнуваат дека ризикот е „сериозен“ и дека е потребно да се повлечe зеленчукот од пазарот. Имено, кај пиперките од Македонија е пронајдено 0,049 мг/кг – ppm метомил, додека максималната дозволена количина на тој пестицид е 0,01 мг/кг – ppm. За потсетување, метомилот е карбаматен инсектицид воведен во 1966 година. Тој е многу токсичен за луѓето, добитокот, домашните миленици и дивите животни.
Примерокот е земен на 23 септември, додека Хрватска била информирана, како што велат, за овој проблем на 3 октомври, пренесува Дневно.хр.














