
Сушата годинава го намали квалитетот и родот на речиси сите земјоделските производи. Освен градинарските култури намалени е производството на тутунот, оризот, овошјето, житните култури, виновата лоза…, а нивните цени се многу повисоки од лани. Во струмичкиот регион никаде не сe одгледуваат градинарски култури на отворено поради климатските промени и речиси целото производство е префрлено под пластеници. Во моментов во тек е бербата на ајварката чии приноси поради неповолните временски услови оваа година се преполовени во споредба со лани.
“Сушата си го направи своето и ги намали приносите по единица површина. Откупната цена за прва класа изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа изнесува 20 денари, а за трета класа –15 денари. Поради климатските промени и малото производство, и овие цени се ниски. Со оглед на зголемените трошоци за нафта, ѓубриво, наводнување, заштитни препарати, откупната цена треба да биде 60 денари за килограм“, изјави за „Бизнис Инфо„ Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Климатските промени годинава го намалија и квалитетот и родот на оризот во кочанскиот регион. Од Националната земјоделска мрежа велат дека високите дневни температури и ниските вечерни директно влијаат врз кластот и оризовото зрно. Освен климатските промени врз оризовата арпа влијае и третирањето со препаратите, со што класовите остануваат мали, не можат да се оплодат и да дадат доволен род.
“Сведоци сме дека оваа лето имавме екстремно високи температури кои многу негативно се одразија врз земјоделските култури, посебно врз пиперот, доматите, краставиците и другите градинарски култури. Поради намаленото производство имаме високи цени на пазарите кои влијаат на стандардот на граѓаните. Кај некој култури производството е преполовено, а квалитетот е значително намален. Најпогодени се пченката и сончогледот кај кои имаме преку 50 отсто намалени приноси. Намалување на приносите имаме и кај овоштарството и лозарството, а на површините кои не се наводнувани има големи штети и трајно исушени насади. Кај тутунопроизводството исто така приносите се речиси преполовени, што влијае врз намалување на приходите во буџетот од тутун, изјави за „Бизнис Инфо“ Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.
Земјоделците велат дека последиците од климатските промени се далекусежни и ненадоместиви и секоја година придонесуваат до намалување на производството. Поради тоа голем дела од земјоделците се откажуваат од производство што придонесува за уште поголем дефицит од земјоделски производи и за уште повисоки цени.
Поради сушата и намаленото производство никогаш досега во овој период од годината не сме имале толку скапо овошје и зеленчук. Цените на доматите и на пиперките ова лето не се симнаа под 100 денари за килограм, а цените на овошјето ги запрепастија граѓаните.
Фото: Pixabay











