Сушата во Западна Африка го загрози родот на какао

58

Големите пристаништа во Брегот на Слоновата Коска, најголемиот светски производител на какао, добија значително помалку пратки на почетокот на 2023 година поради недоволните врнежи, што го намали родот, велат извозниците и земјоделците. На почетокот на 2023 година, во пристаништата Абиџан и Сан Педро пристигнуваа само 70.000 тони какао неделно, споредено со 115.000 тони неделно во ноември и декември, според проценките на извозниците.

„Падот е драстичен и неочекуван. Бевме на високо ниво во декември, а во јануари сè одеднаш пропадна“, рече директорот на компанија за извоз на какао со седиште во Абиџан и Сан Педро. Од почетокот на сезоната на 1 октомври до 29 јануари пристигнаа вкупно 1.540 милиони тони зрна какао.

Се очекува испораките да се намалат до крајот на главната жетва во февруари и март, а можеби и во втората берба, во април и мај, доколку врнежите не станат поредовни, изјавија за Ројтерс извозниците, земјоделците и откупувачите. Главната жетва на какао во Брегот на Слоновата Коска трае од октомври до март, а втората берба од април до септември.

Одгледувањето на какаото бара обилни врнежи, со сончеви периоди, за да може зрната да се исушат. Западна и Централна Африка моментално е во средината на сушната сезона, која трае од средината на ноември до март.

„Сметаме дека ситуацијата нема да се промени пред втората жетва“
„Навистина немаме многу дожд од септември. Во октомври и декември падна само еднаш или двапати, недоволно за навистина да му помогне на какаото да расте добро“, рече одгледувачот Едуард Куаме Куадио, сопственик на плантажа за какао во селото Габеаџи, во близина на Сан Педро.

Единаесет други земјоделци се пожалија на временските услови во интервју за Reuters, додавајќи дека ситуацијата дополнително ја влошува недостигот на ѓубрива, чии цени се удвоија од 2021 година.

„Без ѓубриво, производството не е добро“, рече Салиф Кујате, кој одгледува какао на површина од пет хектари во Соубре.

Некои одгледувачи успеаја да соберат само половина јутена вреќа од 80 килограми за две недели. Во периодот од октомври до декември береле по осум вреќи неделно. Купувачите и посредниците во трговијата со какао рекоа дека одлучиле привремено да ги затворат продавниците за да ги намалат трошоците.

Фото: Pixabay