Светот има резерви на пченица за уште 10 недели

72

Светот има резерви на пченица за само уште 10 недели, изјави Сара Менкер, експертка во Обединетите Нации за недостиг и проблеми со храната.

Според Менкер, сушите во светот кои се најекстремни во последните 20 години и оневозможениот пристап до ѓубрива прават другите извори на пченица да бидат намалени.

„Во моментов, складиравме резерви на пченица на глобално ниво за само 10 недели. Денешните услови се полоши отколку во 2007 и 2008 година“, вели таа.

Статистиките за пченица направени од „Гро Интелиџенс“ покажуваат дека сегашните залихи се околу 20 отсто, што значи светот има залиха за само една петтина од годинашната потрошувачка на пченица.

Дополнително, војната во Украина го наруши земјоделското производство и доведе до рекордно високи цени на храната во светот, предизвикувајќи страв од немири во земјите во развој. Кризата со пченица ја влоши Индија, втор најголем произведувач во светот, со забраната за извоз на житарки и зголемени трошоци за земјоделците – од ѓубрива и сточна храна до гориво.

Aмериканскиот државен секретар Ентони Блинкен во четвртокот го обвини Путин дека „ја користи храната како оружје“.

„Резервите на храна за милиони Украинци и милиони други луѓе ширум светот буквално се држат како заложници. Околу 20 милиони тони жито стојат неискористени во украинските силоси, додека глобалното снабдување со храна се намалува, цените вртоглаво растат“, изјави Блинкен.