Светот на работ на недостиг од сребро, што се крие зад сето тоа?

33

Светот е на работ на недостиг на сребро, што би можело да се случи до крајот на оваа година, објави меѓународната асоцијација Silver Institute, во која членуваат некои од најголемите светски компании за производство и преработка на тој благороден метал.

Глобалната побарувачка за сребро, составена од индустриски потрошувачи, производители на накит и домашни производи и инвеститори, ќе се зголеми за рекордни 16 отсто во споредба со минатата година. Така, побарувачката за сребро ќе биде најголема во историјата, а се очекува до крајот на оваа година да достигне 1,21 милијарди унци, се наведува во извештајот на институтот за сребро.

Поради големата побарувачка, пазарот на сребро се соочува со дефицит од 194 милиони унци метал, што е четири пати повеќе отколку во 2021 година, кога дефицитот беше 48 милиони унци.

Резервите на среброто на инвеститорите во Лондон и Њујорк, кои ги пратат меѓународните организации како што е Асоцијацијата на трговци на племенити метали во Лондон (LBMA) паднаа за 370 милиони унци оваа година, или 25 отсто.

Како еден од главните виновници за растот на побарувачката на сребро, Институтот ја наведува автомобилската индустрија која постојано ја зголемува електрониката во возилата за кои е потребен благороден метал.

Широкото усвојување на 5G технологијата и глобалното движење кон зелена енергија се исто така важни фактори за зголемување на побарувачката, се додава во извештајот. Така, на пример, производителите на соларни панели акумулираат сè повеќе сребро.

На зголемената побарувачка влијаеше и пониската цена во Индија, која падна во 2020 и 2021 година, па на тој голем пазар побарувачката за сребро се удвои.

Цените на среброто паднаа за околу 10 отсто оваа година на 21 долар за унца, главно поради тоа што инвеститорите продаваат како одговор на посилниот американски долар и зголемените приноси на американските обврзници.