Светска банка ја ревидира проекцијата за растот на македонската економија на 2,7 отсто за годинава

46

Светска банка предвидува раст на бруто домашниот производ на Македонија од 2,7 проценти годинава и 3,1 отсто во 2023 година.

Светска банка, во јунскиот извештај за глобалните економски изгледи, ги намалува претходните економски проекции за земјава, годинава за 1.0 отсто, а за 2023 за 0.3 проценти.

Економскиот раст во 2024, според проекциите на СБ, ќе достигне 3,2 отсто.

Прогнозата за глобалниот раст за 2022, пак, е намалена за речиси третина, на 2,9 отсто. Главни причини за тоа се рускиот напад врз Украина и штетите предизвикана од пандемијата Ковид-19, кои придонесоа многу земји сега да се соочуваат со рецесија.

Војната во Украина ја забави глобалната економија, која сега влегува во период на слаб раст и растечка инфлација, со можност за натамошно влошување.

Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас предупреди дека глобалниот раст годинава би можел да падне на 2,1 отсто, во 2023 година на само 1,5 проценти.

Малпас посочи дека глобалниот раст е попречен од војната, новите ковид локдаун мерки во Кина, прекините во синџирите на снабдување и растечкиот ризик од стагфлација, односно периодот на слаб раст и висока инфлација, кој последен пат е забележан во 70-тите години од минатиот век.

Фото: Pixabay