Светска банка очекува кинески раст од 2,7 отсто, следната година 4,3 отсто

Светската банка во вторникот објави дека очекува кинеската економија да порасне со стапка од 2,7 отсто оваа година и 4,3 отсто во 2023 година.
Така, Банката очекува економскиот раст во Кина во 2022 година да биде значително под официјално прогласените 5,5 проценти.

Во септември Светската банка прогнозираше дека кинеската економија оваа и следната година ќе порасне за 2,8 односно 4,5 отсто.

„Прогнозите за раст на Кина се предмет на значителни ризици кои произлегуваат од неизвесната траекторија на пандемијата, начинот на кој се развиваат мерките како одговор на ситуацијата со Ковид-19 и однесувањето на домаќинствата и бизнисите“, се наведува во извештајот на банката, додавајќи дека континуираниот притисок во секторот на недвижности би можел да има пошироки макроекономски и финансиски последици.

Според Светската банка, Кина исто така се соочува со многу неизвесна перспектива за глобален раст и зголемена геополитичка тензија.

Лидерите на Кина минатата недела ветија дека ќе ги засилат мерките за поддршка на економијата во обид да го олеснат влијанието на пандемијата врз бизнисите и потрошувачите.