Светска банка: Помалите модели на вештачка интелигенција можат значително да го забрзаат напредокот на земјите во развој

Светската банка ги поканува земјите во развој да создадат модели на мала вештачка интелигенција (мала ВИ), кои можат да работат на мобилен телефон и со слаба интернет-врска, со цел да се забрза економскиот развој и да се овозможи пошироката популација да ја користи оваа технологија.

Главниот директор за знаење на Светската банка, Паскал Донохо, изјави дека вештачката интелигенција, прилагодена на локалните потреби, може да го скрати патот на развој на земјите во развој „од векови до децении“.

„Мала ВИ“ подразбира специјализирани модели обучени на потесни збирки податоци и наменети за специфични задачи.

Донохо ги наведе како пример индиските земјоделци вклучени во програмата AgriConnect на Светската банка, на кои им се потребни анализи на почвата на нивниот мајчин јазик.

Бидејќи нема доволно научници и земјоделски експерти за да им обезбедат таква поддршка на секој мал земјоделец, специјализираните модели на вештачка интелигенција би можеле да им овозможат полесен пристап до информациите што им се потребни.

Годишниот извештај за светскиот развој на Светската банка ги истакна потенцијалните придобивки од вештачката интелигенција, но исто така забележа дека речиси една третина од руралните училишта во подсахарска Африка немаат електрична енергија, а повеќе од две третини немаат постојана интернет конекција.

Влијанието на вештачката интелигенција врз работните места и економскиот раст беше главна тема на годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои се одржаа во Бангкок минатата недела