Светска банка: Раст на БДП годинава 4,6 отсто, а инфлацијата 2,4 отсто

45

Растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, а инфлацијата 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира, покажува најновиот Извештај на Светска банка.

Како што беше речено на денешната онлајн презентација, и покрај економското закрепнување се уште постојат ризици, пред се поради бавното темпо на вакцинација во земјата.

-Проекцијата за раст е 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат, рече директорот на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и  Косово, Масимилијано Паолучи.

Според него, економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, до крајот на година ќе се вратат на ниво пред пандемијата.

– Регионот на Западен Балкан се опоравува по рецесијата во 2020 година предизвикана од КОВИД-19 благодарејќи на побрзо од очекуваното закрепнување во 2021 година. Изгледите во регионот значително се подобрија при што растот на БДП во 2021 година се предвидува дека ќе достигне 5,9 проценти, по падот од 3,1 проценти во 2020 година. Во 2022 година растот во регионот се предвидува да биде 4,1 проценти, додека во 2023 година се очекува да изнесува 3,8 проценти. Стапката на сиромаштија во регионот се предвидува да продолжи со надолниот тренд започнат пред пандемијата и да се намали за околу 1 процентен поен на 20,3 проценти, блиску до нивото од 2019 година, стои во Извештајот.