Светска банка со 140 милиони евра ќе ѝ помогне на земјава да се справи со Ковид-19

27

Поддршката од Светска банка за Република Северна Македонија за справување со последиците од Covid -19 кризата, ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект – Проект за брзо дејствување против Covid-19 во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за работодавачи и самостојни вршители на дејност. Ова беше дискутирано, во рамки на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка, на состанокот на потпретседателот за Европа и Централна Азија на Светска банка Сирил Милер со вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерката за економија Мила Царовска, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Нина Ангеловска.

На состанокот учествуваше и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од први мај ќе ја преземе неговата функција, по завршување на неговиот мандат.

Во дискусијата, детално беа презентирани ефектите од глобалната коронакриза врз македонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светската банка позитивно ги оценуваат мерките коишто во рамки на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка, за коишто се смета дека се навремени и таргетирани.

Акцент беше ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овој пат беше нагласено дека мора и натаму таа да биде приоритет. Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, којашто е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи.

Соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците коишто ги задава корона-кризата се значаен сигнал за поддршката којашто Светската банка ја дава за Северна Македонија. Со 50 милиони евра од Светска банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај. Аплицирањето за оваа мерка започнува од почетокот на мај. Освен финансиски, Светска банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките кои се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата.

Новиот проект за брзо дејствување против последиците од Covid-19 кризата, во износ од 90 милиони евра се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување на зголемување на капацитети за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање на здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање на случаи и следење на контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата  се однесува на обезбедување на поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од Covid -19 и паричен надомест за оние кои ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светска банка, согласно кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6%. Според Светска банка, Северна Македонија ќе има најмало забавување на економијата помеѓу -1,4% и -3,2%.