Светска банка: Цените на суровините би можеле да останат високи до 2024 година

36

Војната во Украина предизвика ценовен шок на пазарите на суровините, менувајќи ја трговијата, производството и потрошувачката, предупреди Светска банка, оценувајќи дека поради овие промени цените ќе останат високи до крајот на 2024 година.
Цените на енергијата драстично се зголемија во последните две години по нафтената криза во 1973 година, а земјоделските суровини и ѓубрива поскапеа најмногу од 2008 година, соопшти Светска банка во прогнозите за пазарите на суровини.

Украина и Русија се големи производители на земјоделски суровини, а гасот се користи како суровина за производство на вештачки ѓубрива, потсетуваат тие.

„Генерално, сведоци сме на најголемиот шок предизвикан од цените на суровините од 1970-тите“, рече Индермит Гил, потпретседател на Светската банка за еднаков раст, финансии и институции.

Шокот дополнително се засили со ограничувањата на трговијата со храна, гориво и ѓубрива, пренесува Хина.

Значително над петгодишниот просек

Цените на енергијата ќе пораснат за повеќе од 50 отсто оваа година, а потоа ќе ослабат во 2023 и 2024 година.

Цената на природниот гас во Европа ќе се удвои и ќе достигне рекордно ниво во 2022 година, а цената на јагленот ќе порасне за 80 отсто и исто така ќе достигне рекордно високо ниво, проценува Светска банка.

Очекуваат и рекордни цени на пченицата, номинално, по растот за повеќе од 40 отсто оваа година, што ќе го зголеми притисокот врз економиите во развој, кои најголем дел од нивната побарувачка го задоволуваат со увоз, особено од Русија и Украина.

Цените на металите се очекува да пораснат за 16 отсто, а потоа да ослабат во 2023 година, но ќе останат на покачени нивоа, предвидува Светската банка.

Во наредните години цените на суровините ќе останат далеку над петгодишниот просек.

Ако војната во Украина продолжи или ако се воведат нови санкции кон Русија, тие би можеле да осцилираат уште повеќе и посилно отколку што се очекува во моментов.