Светска програма за храна: Гладот зема сè поголем замав во светот

14

Над 45 милиони луѓе во 43 држави во светот се на работ на гладување, а несигурноста меѓу луѓето за тоа дали ќе биде обезбеден следниот оброк нагло се зголеми низ светот, предупреди Светската програма за храна (WFP).

Скокот од 42 милиони на почетокот на годината на 45 милиони луѓе во опасност од глад денес е последица на ситуацијата во Авганистан, каде што дополнителни три милиони се соочуваат со глад, соопшти агенцијата на ОН со седиште во Рим.

Судири, промена на политика и Ковид-19 го зголемија бројот на гладните, истакна извршниот директор на Програмата за храна Дејвид Бизли по патот во Авганистан, каде беше донирана помош за околу 23 милиони луѓе.

Цените на горивата растат, цените на храната вртоглаво пораснаа, ѓубривата стануваат поскапи, сите овие фактори поттикнуваат нова криза како онаа што сега се случува во Авганистан заедно со веќе старите кризи како оние во Јемен и Сирија, рече тој.

За да се спречи гладот ​​во светот, потребни се седум милијарди долари, што е зголемување во однос на побараните 6,6 милијарди долари на почетокот на годината.

Светската програма за храна истакнува дека семејствата се соочени со ужасни избори, па така принудени се да ги повлекуваат децата од училиште, сè помлади девојчиња да се мажат, или своте деца да ги хранат со кактусови лисја или скакулци. Медиумските извештаи од Авганистан предупредуваат дека семејствата се „принудени да ги продаваат своите деца во очајнички обид да преживеат”, според ОН.

Во Сирија, 12,4 милиони луѓе не знаат како да го обезбедат својот следен оброк и таа несигурност за храната е најголема од почетокот на војната пред десет години во таа земја, соопштува WFP.

Гладот ​​е присутен во Етиопија, Хаити, Сомалија, Ангола, Кенија и Бурунди, додава Светската програма за храна.