
Светската економија продолжува да покажува отпорност на трговските шокови и расте „прилично силно“, изјави во четврток директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, објавувајќи ги најновите економски прогнози.
ММФ можеше да ги подобри своите прогнози, како што направи Светската банка оваа недела, посочи Георгиева во интервју за време на нејзината посета на Киев.
Оваа недела, Светската банка ја зголеми својата проценка за растот на глобалната економска активност оваа година за 0,2 процентни поени, на 2,6 проценти. Тие малку ја подобрија проценката за следната година, за 0,1 процентен поен, на 2,7 проценти.
Во октомври, ММФ ја зголеми својата проценка за растот на светската економија во 2025 година од три на 3,2 проценти, со образложение дека влијанието на американските царини било поблаго отколку што првично се стравуваше. Тие ја потврдија прогнозата за 2026 година, според која активноста треба да се зголеми за 3,1 процент.
Меѓународниот кредитор треба да објави нови прогнози на почетокот на следната недела.
На прашањето што ќе покажат јануарските прогнози по подобрувањето во октомври, Георгиева одговори дека светската економија е „невероятно“ отпорна и трговскиот шок не го загрозил растот.
Резултатите во моментов се доста добри, но постојат повеќе ризици што би можеле да го забават растот, со фокус на геополитичките тензии и ненадејните технолошки промени, рече шефицата на ММФ.
Работите би можеле да се одвиваат добро, но глобалната економија би можела да се соочи и со значителни финансиски тешкотии ако огромните ресурси инвестирани во вештачка интелигенција не резултираат со ветеното подобрување на продуктивноста, објасни таа.
Американските економски резултати, според нејзините зборови, беа „прилично импресивни“, и покрај серијата царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе минатата година во речиси сите земји во светот.
Севкупно, царините се сè уште пониски од првично најавеното, а САД учествуваат само со околу 13 до 14 проценти од светската трговија, изјави таа. Повеќето земји исто така не возвратија, барем досега, што го ублажи влијанието на американските царини, додаде Георгиева.
„Денес е потешко да се предвиди како ќе се развиваат работите, а значителен број компании и политички функционери сè уште се однесуваат како ништо под небото да не се променило“, предупреди таа.
Таа е загрижена што многу земји не создале доволно резерви за да можат да се справат со евентуален нов шок.
ММФ моментално има 50 програми за кредитирање, најмногу откако е основан, и се подготвува за евентуални нови барања за помош.











