
Промоцијата на производи на социјалната мрежа „Тик-ток“ денес е толку моќна, што може да влијае и врз земјоделството на големи земји како САД и Иран, барем кога станува збор за слатки.
Познатото Дубаи-чоколадо, кое содржи ф’стаци, стана неверојатно популарно по серија видеа на социјалните мрежи. Првото видео од ова чоколадо беше објавено кон крајот на 2023 година и досега има над 120 милиони прегледи. По него следуваа уште многу други видеа посветени на овој десерт.
Резултатот од оваа популарност е глобален недостиг на ф’стаци, главната состојка на дубаи-чоколадото. Ф’стаците главно се одгледуваат во САД и во Иран. Жил Хакинг од британската компанија за трговија со јаткасти плодови „Си-џи Хакинг“ вели дека цената на ф’стаците за една година пораснала од 7,65 на 10,30 долари за 400 грама.
И пред бумот со чоколадото, ф’стаците веќе беа ретки поради слабата жетва минатата година во САД. Иако родот бил помал од вообичаено, квалитетот бил повисок, поради што најголемиот дел бил продаван со цела лушпа.
Составот на дубаи-чоколадото е млечна чоколада, кадаиф и ф’стаци. Нејзин творец е емиратската компанија „Фикс“, а подоцна почнаа да ја произведуваат и други големи производители на чоколадо, како „Ледерах“ и „Линдт“. Сепак, сега се соочуваат со проблеми да ја задоволат глобалната побарувачка.
Шарл Жандро, генерален директор на групацијата „Престат“, сопственик на неколку луксузни британски брендови на чоколади, вели дека побарувачката за ова чоколадо ја изненади целата индустрија.
Некои продавници веќе воведуваат ограничувања колку дубаи-чоколада може да се купат, што само потврдува колкаво е влијанието на инфлуенсерите.