
Турција ја посетиле 8.844.000 туристи во првиот квартал од оваа година, а остварени се рекордни 9,5 милијарди долари приходи од туризам, соопшти Министерството за култура и туризам на Турција.
„Во периодот од 1 јануари до 31 март 2025 година, Турција постигна најдобри резултати досега забележани во првиот квартал. Според податоците на ОН за туризам, Турција беше четвртиот најголем туристички пазар во светот во 2024 година. Првично имавме за цел да бидеме домаќини на 60 милиони меѓународни посетители во 2024 година, но ја завршивме годината со рекордни 62,2 милиони“, рече министерот за култура и туризам, Нури Ерсој.
Според него, целта за 2025 година е Турција да биде домаќин на 65 милиони посетители и да генерира 64 милијарди долари приходи од туризам, објави Бета.
„Нашите очекувања за април, како и за наредните месеци, имајќи предвид дека во првите три месеци од оваа година забележавме зголемување на приходите од 5,6 проценти, сведочат за фактот дека сме на вистинскиот пат да ги постигнеме посакуваните цели“, рече Ерсој.
Според Министерството, во првите три месеци од оваа година, Турција ја посетиле 733.000 Иранци, 601.000 Руси, 572.000 Германци, 560.000 Бугари и 304.000 Британци.
Посетителите престојувале во Турција во просек 11 ноќевања и потрошиле околу 98,9 долари по ноќ.