![веф](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2022/02/vef.jpg)
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека Светскиот економски форум ја избра Србија како една од 16-те земји во кои ќе отвори свој центар, „што е големо признание за образовниот систем, економијата и граѓаните на Србија“.
Брнабиќ за РТС од Женева посочи дека Србија е препознаена како земја на напредни технологии.
– Светскиот економски форум отвори центар во Норвешка во Осло, во Русија во Москва пред само еден месец, а трета европска земја е Србија, истакна Брнабиќ.
Таа потврди дека Центарот ќе работи во рамките на владината Канцеларија за информатичка технологија, а ќе започне од 1 март.
На тој начин, додаде таа, ќе имаат најдобра комуникација со владата, стопанството и граѓанскиот сектор, за да можат да работат на биотехнологијата, биомедицината и вештачката интелигенција.
„Центарот во првиот момент ќе вработи четири лица, верувам дека центарот ќе се прошири и имаме визија за понатамошен развој“, рече премиерката.
Таа наведе дека ИТ секторот од година во година расте за повеќе од 25 отсто и има извоз од над 1,8 милијарди евра.