Водечките светски модни ланци објавија дека во идните девет месеци ќе им овозможат пристап на инспекциите до своите погони во Бангладеш според договорот со синдикатите.
Повеќето европски ланци за трговија со облека, меѓу кои Inditex, H&M, Primark, Benetton, Metro, Carrefour, Marks and Spencer, Tesco и Esprit, како и американските PVH и Abercrombie & Fitch, истакнаа дека доколку инспекторите утврдат дека нивните фабрики не се во согласност со безбедносните стандарди, гарантираат поправки и реновација.
Синдикатите го зголемија притисокот врз западните трговски ланци да потпишат ваков договор по трагедијата што се случи во април, кога при уривање на фабрика во Дака загинаа 1.129 луѓе.
Бангладеш е втор по големина извозник на облека во светот, делумно затоа што компаниите го преселија производството таму за да ги искористат предностите на шокантно ниските плати и најслабите регулативи во светот. Скоро 80% од извозот на Бангладеш отпаѓа на индустријата за производство на облека. Минатата година е извезена облека во вредност од 20 милијарди долари.