Светските влади мора да престанат да се задолжуваат

Владите ширум светот мора да го ограничат задолжувањето бидејќи растечките каматни стапки го прават фискалниот пат на некои земји неодржлив, предупреди во вторник шефот на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), Агустин Карстенс.

По финансиската криза, големите дефицити и високиот долг изгледаа одржливи бидејќи централните банки ги одржуваа каматните стапки ниски, за да не мораат владите да донесуваат тешки одлуки како што се намалување на трошоците или зголемување на даноците.

„Сепак, деновите на многу ниски каматни стапки сега се зад нас и фискалните власти имаат малку време да го средат балансот во буџетот пред довербата на јавноста во отплатата на обврските да почне да се намалува“, предупреди шефот на БИСна конференција во Токио.

„Пазарите веќе полека стануваат свесни за фактот дека некои фискални насоки не се одржливи“, нагласи Карстенс, додавајќи дека големите нерамнотежи би можеле да предизвикаат нестабилност на финансиските пазари.

„Затоа многу економии треба веднаш да започнат со фискална консолидација. Не е доволно само да ја држите главата над вода.“

Предупредувањето од БИС следеше по континуираниот раст на приносите на државните обврзници на САД, Јапонија и европските земји во изминатите недели, според Hina, делумно поради најавените повисоки буџетски трошоци што треба да се финансираат со зголемено задолжување.

Неможноста за враќање на јавниот долг би можела да го дестабилизира глобалниот финансиски систем и да ја загрози монетарната стабилност бидејќи централните банки би можеле да бидат принудени да го финансираат, што би довело до фискална доминација над монетарната политика, рече Карстенс.

Ова би ја поттикнало инфлацијата и нагло би ја намалило вредноста на одредени валути, и затоа е клучно, според него, фискалните власти да го ограничат задолжувањето.

Многу земји ќе бидат принудени да ги зголемат јавните трошоци поради стареењето на населението, климатските промени и повисоките трошоци за одбрана, истакна шефот на БИС.