Свилановиќ: Целта на Отворен Балкан е само да се движиме побрзо напред

44

Една од основните идеи на ЕУ е земјата подготвена за членство да биде целосно уредена, да биде држава во која владее правото, но тоа не подразбира само независно правосудство, туку функционирање во секоја смисла и на секојдневна основа – да функционира сообраќајот, здравството, образовниот, банкарскиот систем. Граѓаните да имаат доверба во здравствените и банкарските институции. Сé тоа е владеење на правото. Да не треба да вртите телефон и да молите некој да ви заврши работа. Тоа се тие мали корупции кои се само сигнал дека постои многу поголема корупција за многу поголеми работи.

Имам големи очекувања дека со формирањето на новата влада во Софија, дијалогот повторно ќе се отвори и дека ќе се најде компромис. Тоа е клучна работа и многу важна. Сите во регионот се израдувавме кога една од трите големи теми беше отстранета, а тоа е Преспанскиот договор. Изненаден сум дека после тоа дојде до застој. Тажен сум, следам што ќе се случи и се надевам дека во Бугарија ќе има нова влада со полн капацитет која ќе седне со своите партнери во Скопје и ќе рече: „ајде да бараме решение“, вели во интервју за МИА поранешниот генерален секретар на Советот за регионална соработка и дипломат, Горан Свилановиќ.

Свилановиќ, кој моментно е советник за регионални прашања на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порачува – билатералното недоразбирање да не се користи за стопирање на евроинтеграцискиот процес.

Во интервјуто за МИА Свилановиќ се осврнува на европскиот инвестициски план, зборува за владеењето на правото и анализира колку е искористен бизнис потенцијалот на земјите од регионот. Открива и дека втората средба на Отворен Балкан ќе се одржи на почетокот на ноември во Белград, а планиранa е и средба во Будимпешта меѓу стопанските комори од Западен Балкан и на земјите од Вишеградската група.