
Глобалната мрежа за финансиски плаќања SWIFT и повеќе од 30 банки ширум светот објавија дека работат со забрзано темпо за да овозможат моментални прекугранични плаќања и систем способен за обработка на разни нови форми на дигитални пари.
SWIFT (Здружение за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации) е всушност меѓународна мрежа што им овозможува на финансиските институции да комуницираат и безбедно да разменуваат информации за финансиски трансакции низ целиот свет. SWIFT кодот е затоа уникатен код што служи за идентификување на банките и финансиските институции во меѓународниот финансиски систем.
Мрежата, која е со седиште во Белгија и е предмет на правото на ЕУ, објави дека финансиските институции соработуваат на заедничка дигитална структура или база на податоци базирана на „блокчејн“, што ја сметаат за клучна за модернизација на меѓународните банкарски трансакции.
Досега не е поставен конкретен рок за тој проект, но првично ќе биде насочен кон континуирано овозможување на прекугранични трансакции за плаќање во реално време 24 часа на ден, седум дена во неделата. Ова би го направило целиот процес на плаќање поевтин, бидејќи сега понекогаш се потребни неколку дена за да се заврши трансакцијата.
SWIFT работи и на интероперабилност со новите системи што се појавуваат за стабилни криптовалути, дигитализирани банкарски депозити или дигитални валути како оние што ги развиваат, на пример, Кина или Европската централна банка.
Главната предност на SWIFT е што неговата постоечка мрежа е веќе присутна во повеќе од 200 земји и поврзува повеќе од 11 илјади банки што ја користат за испраќање трилиони долари секој ден, потсетува Ројтерс.
Синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Ерик Трамп, кој е силен поддржувач на криптовалутите, неодамна го нарече SWIFT застарен. Со додавање на блокчејн функционалност, SWIFT верува дека ќе биде можно да се модернизира системот, но сепак да се обезбедат сите карактеристики на платната мрежа што им се потребни на традиционалните банки.