
Како македонските компании да станат поконкурентни на меѓународните пазари, подобро да ги искористат стратешките трговски коридори и да изградат посилни глобални партнерства? Овие прашања ќе бидат во фокусот на првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026, што ќе се одржи на 27 октомври во хотел Мериот во Скопје, во организација на Швајцарско-македонската стопанска комора (SwissCham North Macedonia), во стратешко партнерство со меѓународната транспортна и логистичка компанија Mediterranean Shipping Company (MSC).
Форумот се организира со поддршка на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), со придонес на програмите IME, SIPPO и SwissEP.
Во услови на зголемена глобална конкуренција и промени во меѓународните синџири на снабдување, пристапот до нови пазари, ефикасната логистика и препознатливоста на производите стануваат сè поважни за растот на македонските компании. Токму затоа, форумот ќе поврзе над 200 претставници на домашната и меѓународната деловна заедница, инвеститори, извозници, носители на одлуки, дипломатски претставници и експерти од земјата и поширокиот регион.
Преку оваа иницијатива, SwissCham ја зајакнува својата улога како платформа за поврзување на македонската економија со меѓународните пазари, деловните мрежи и швајцарското искуство, со цел создавање нови можности за трговија, инвестиции и долгорочни партнерства.
„Нашата амбиција е Global Trade & Growth Forum да прерасне во платформа која ќе отвора конкретни можности за македонските компании – од подобра логистичка поврзаност до пристап до меѓународни пазари и нови деловни партнерства. Преку SwissCham сакаме да го приближиме швајцарското и меѓународното искуство до потребите на домашниот бизнис-сектор и да придонесеме кон зајакнување на конкурентноста на македонската економија“, изјави Соња Стефановска, претседател на SwissCham North Macedonia.
Меѓународни искуства и конкретни деловни можности
Програмата на форумот е структурирана околу три тематски целини: стратешки трговски коридори и логистика, извозна конкурентност и градење глобално препознатливи брендови. Меѓу главните говорници се:
- Fabrizio Farinelli, директор за регионални агенции во MSC MEDITERRANEAN SHIPPING COMPANY SA, кој преку презентацијата „Connecting North Macedonia to the World“ ќе се осврне на улогата на глобалната логистичка поврзаност во економскиот раст.
- Jonas Spahn, управен директор на Global Food Affairs од Швајцарија, кој ќе сподели практични искуства за поврзување на производителите и добавувачите на храна со европските купувачи.
- Lars Silberbauer, меѓународен експерт за брендирање и дигитална трансформација, со искуство во организации и компании како LEGO, Olympics и Paramount, кој ќе говори за градење конкурентни брендови во дигиталниот свет.
На форумот свое обраќање ќе има и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Christoph Sommer.
Покрај главните презентации, програмата ќе вклучи дијалог со висок владин претставник за инфраструктурата како предуслов за економски раст, како и панел-дискусии со претставници на водечки компании, меѓу кои MSC, Макстил, Alliance One, Fimar Balkan, TAV Macedonia, Quendoo и Витаминка.
Посебен акцент ќе биде ставен на практичните предизвици со кои се соочуваат домашните компании при излезот на меѓународните пазари, можностите за подобрување на трговската и транспортната поврзаност, како и размената на искуства што можат да придонесат за нивен понатамошен раст.
Форумот ќе обезбеди и простор за директно Б2Б вмрежување и воспоставување нови деловни контакти и партнерства.
Регистрацијата за Global Trade & Growth Forum 2026 е отворена, со Early Bird понуда до 3 октомври и посебни корпоративни пакети за компании со повеќе учесници.
Деталната програма, информациите за говорниците и можностите за регистрација се достапни на: https://gtgforum.swisscham-mk.com/













