
Охридското Езеро беше на првото место на листата на најубави места во Европа составена од патописците на списанието „Тајм Аут“. Добро познатата дестинација е опишана како потивка и подостапна алтернатива на популарното езеро Комо.
Ако барате европска дестинација што изгледа како разгледница, но не вклучува гужви и цени од најпопуларните туристички места, можеби нема да мора да патувате далеку. „Тајм Аут“ го именуваше Охридското Езеро за најубаво место во Европа на својата листа за 2026 година.
Списанието го издвои поради неговата комбинација од кристално чиста вода, планински пејзаж и историски градови и села што го обрабуваат брегот. Градот Охрид, е особено истакнат, чија панорама со стари цркви и куќи со црвени покриви претставува една од најпрепознатливите слики од овој дел од Балканот.
„Тајм Аут“ го претстави Охридското Езеро како алтернатива на езерото Комо во Италија. Додека Комо привлекува голем број туристи и е познат по своите луксузни вили и познати гости, Охрид нуди слична комбинација од планини, вода и историска архитектура, но во многу помирна околина.
Езеро старо неколку милиони години
Охридското Езеро не е посебно само поради пејзажот. Тоа е длабоко и многу старо тектонско езеро кое, според УНЕСКО, постои континуирано околу два до три милиони години, а неговата максимална длабочина е околу 289 метри. Особено е значајно поради големиот број ендемски растителни и животински видови – УНЕСКО наведува повеќе од 200 видови кои се карактеристични за ова подрачје.
Поради своите природни и културни вредности, регионот на Охрид е на списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Што друго е на листата на „Тајм аут“?
Охридското Езеро се најде на врвот на листата, додека други истакнати места се термалните извори Сатурнија во Тоскана, Џајантс Козвеј во Северна Ирска, Алберобело во Апулија, Италија, Почитељ во Босна и Херцеговина, норвешките фјордови и Кју Гарденс во Лондон.
„Тајм аут“ ја базира својата листа не само на популарноста на дестинациите, туку и на изборот на патописци и локални уредници кои ги издвојуваат местата што ги сметаат за особено убави врз основа на сопствените искуства.
Затоа еден од очекуваните европски класици не беше на врвот на оваа листа, туку дестинација од Балканот











