ТАВ: 1,8 милиони патници на скопскиот и охридскиот аеродром во првите 9 месеци од 2018

39

Во првите 9 месеци од годинава преку Меѓународниот Аеродром Скопје и охридскиот аеродром Свети Апостол Павле патувале вкупно 1,8 милиони патници, што е годишен пораст од 18%, соопшти ТАВ Македонија, компанијата која управува со македонските аеродроми.

Во исто време, од јануари до септември 2018 година, бројот на летови на двата аеродроми е 15.395, со годишен пораст од 12%.

Според статистиката за патничкиот сообраќај, од јануари до септември 2018 година, најфрекфентни дестинации на Меѓународниот Аеродром Скопје се: Истанбул (двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен, со 10,8% пазарен удел), Цирих (7,8%), Виена (5,7%), Базел (5,3%), Малме (4,5%) и Братислава (3,4%).

Во однос на пазарниот удел на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер го превезе најголемиот број на патници со 60,3% удел на пазарот, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс (7,8%), Аустриан ерлјанс (5,7%), Германиа флуг (4,5%), Пегасус ерлајнс (3,7%), Кроација ерлајнс (3,4%).

Најфрекфентниот ден на Меѓународниот Аеродром Скопје во првите 9 месеци од 2018 година во поглед на патнички сообраќај беше 29-ти јули со превезени 8.796 патници, додека од аспект на број на воздухопловни операции најфрекфентен беше 2-ри август со 76 летови.

ТАВ Македонија за истиот временски период бележи и значаен годишен пораст на карго-сообраќајот на скопскиот аеродром кој изнесува 2.676 тони и е поголем за 22% споредено со истиот период во 2017 година.

Меѓународниот Аеродром Скопје е поврзан со 37 редовни авиолинии во текот на целата година, опслужени од 12 авиокомпании, и 4 чартер дестинации (летна сезона), опслужени од 6 авиокомпании.

Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има 3 редовни авиолинии во текот на целата година и 8 сезонски дестинации, опслужувани од 12 авиокомпании.

Фото: Facebook