ТАВ и Wizz Air одбележуваат два милиони патници на аеродромите во Македонија

24

aerodrom aleksandar veliki

ТАВ Македонија, компанијата што управува со двата аеродрома – Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид и Wizz Air, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во централна и источна Европа, одбележуваат значаен настан – два милиона патници превезени со нискобуџетните летови на овој авиопревозник во Македонија.

“Возбудени сме што го прославуваме овој значаен настан од два милиона патници на Wizz Air до и од Македонија. Нашите операции во Македонија ги почнавме во 2011 година и оттогаш ја стекнавме довербата и лојалноста на нашите македонски патници, прераснувајќи во најчесто избраната авиокомпанија во земјата. Со основањето на нашата база во Скопје и континуираното ширење на нашата нискобуџетна мрежа, отворивме голем број локални работни места, во исто време поттикнувајќи го туризмот и воздухопловната индустрија. Сега имаме три воздухоплови базирани во Скопје, а секој од нив е опслужуван од македонски екипаж што го говори локалниот јазик и нуди одлична услуга при секој лет. И понатаму ќе нудиме ниски цени и најдобри услуги за на најдобар начин да излеземе во пресрет на потребите на македонската патувачка јавност“, изјави Ѓорѓ Абран, комерцијален директор на Wizz Air.

Потенцирајќи ја посветеноста кон Македонија како пазар, Wizz Air неодамна најави три нови линии од Скопје, поврзувајќи го градот со три европски метрополи, Берлин, Братислава и Копенхаген. Со новите линии, авиокомпанијата има повеќе од еден милион седишта на располагање за 2016 година, што претставува пораст на капацитетот за 22% споредено со 2015 година.

“Одбележуваме скоро пет години и два милиона патници со реномираната нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air, што за ТАВ Македонија претставува значајно достигнување за развојот на аеродромите. За многу кратко време се воведоа многу нови летови до европските метрополи. Летањето стана привилегија на сите граѓани поради пристапните цени на авио билетите, со што се овозможи многу луѓе, меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат. Од друга страна и многу туристи и бизнисмени почнаа да ја откриваат Македонија. Ваквиот избор на дестинации и маркетиншките политики на Wizz Air и на ТАВ холдингот, како и владините субвенции за нискобуџетните авиокомпании, придонесоа скопскиот и охридскиот аеродром да станат аеродроми со најбрз раст во регионот“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според бројот на превезени патници, Wizz Air има 49,2% пазарен удел на двата македонски аеродрома во 2015 година. Нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22% на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.

Првиот лет на Wizz Air од Скопје се случи во јуни 2011 година, а оттогаш авиокомпанијата постојано ја шири својата мрежа во Македонија. Во октомври 2012 година воспостави своја база во главниот град и сега има три воздухоплови и 84 вработени со седиште во Скопје. Во јуни лани, Wizz Air почна со летови и од охридскиот аеродром.